Русија покрена истрага за адвокатката на Навални

Лубов Собол

Руските агенции за спроведување на законот отворија кривична постапка против Лубов Собол, адвокатка на Антикорупциската фондација (ФБК) на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, и ја однеле на распит, објави денеска директорот на ФБК, Иван Жданов. Тој на Твитер напиша дека истражителите започнале истрага за Собол за неовластен пристап „со употреба на насилство или закана за употреба“, откако заѕвонила на вратата на агент кој ја вмешал Сојузната служба за безбедност (ФСБ) во труењето на 44-годишниот критичар на Кремљ.

По ова немаше веднаш коментар од руските власти.

Претходно на 25 декември, полицијата изврши рација во станот на Собол и и ги одзеде компјутерите и телефоните, соопштија приврзаниците на Навални.

"Сокол беше однесена на распит во Истражниот комитет. Станот се претресува", соопшти фондацијата на Навални на Твитер додавајќи дека полицискиот потег очигледно е одговор на обидот на Собол да разговара со агентот на ФСБ, Константин Кудријавцев.

Собол беше меѓу новинарите и политичките активисти кои се обидоа да се сретнат со Кудријавцев доцна вечерта на 21 декември, денот кога Навални објави аудио-снимка од, како што рече, разговор со Кудријавцев за улогата на ФСБ во труењето. Таа беше накратко задржана во полициска станица.

Лабораториските тестови во три одделни европски земји, потврдени од глобалното набудувачко тело за хемиско оружје, утврдија дека Навални е отруен со нервен агенс Новичок. Русија негира вмешаност на државни агенти во случајот, велејќи дека за тоа сè уште нема докази. Навални моментално е во Германија каде се опоравува од труењето, но најави враќање во Русија.