Владата размислува за петти пакет за справување со економските последици од ковид кризата и главна цел, како и за претходните четири, ќе бидат најпогодените од економската криза, информираше денеска премиерот Зоран Заев, и додаде дека за ова по празниците ќе има консултации со сите социјални партнери.
„По празниците следува процес за консултација со синдикатите, коморите, другите социјални партнери, за навистина највнимателно да ги таргетираме најпогодените. Смислата е токму тоа, да им се помогне ним. Државата има проектирано средства за оваа намена и за буџетот за 2021 година. Сите ресори имаат свои резервоари за помагање на оние на кои им е најнеопходна помош“, рече Заев.
Премиерот оцени дека државата е финансиски ликвидна и солвентна, а државниот Буџет е стабилен, дел благодарение и на тоа што, како што рече, граѓаните навремено си ги плаќаат своите давачки. До сега се реализирани четири пакети за помош, но дел од здрженијата, коморите и синдикатите постојано пријавуваа нови загуби и бараат дополнителна државна помош за полесно справување со економските последици од пандемијата.