Реконструкција на случајот „Монструм“, односно петкратното убиство кај Смилковско Езеро, нема да има, одлучи денеска Кривичниот суд Скопје, со образложение дека местото на настанот сега е променето. Одбраната не се сложи со одлуката на судот и најави дека и понатаму ќе бара реконструкција, иако ова е седмо по ред одбивање на нивниот предлог.
За петкратното убиство, што се случи на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток.
Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
„Реконструкција е повеќе од потребна бидејќи ние како одбрана со ова докажуваме дека кодираниот сведок не ја кажува вистината. Нас не интересира лажната изјава што неколку пати ја повторуваше шифрираниот сведок, односно сме заинтересирани за растојанието помеѓу него и лицата што ги обвинува дека ги видел таму“, изјави денеска адвокатот на одбраната, Насер Рауфи.
За денешнто рочиште беа повикани и други сведоци предложени од одбраната, но од здравствени причини не се појавиле. Следното рочиште за петкратното убиство кај Смилковското Езеро е закажано на 28 јануари.