За образовната реформа ќе има консултации со сите, тврди Заев

Архивска фотографија - Министерката за образование и наука, Мила Царвска, и премиерот Зоран Заев

При подготовката на реформата во основното образование ќе бидат консултирани сите засегнати, почнувајќи од учителите и наставниците, универзитетски професори, како и академици, односно МАНУ, а целта е со реформата да се максимализираат содржините што ќе биде од помош на учениците, изјави денеска премиерот Зоран Заев, откако вчера министерката за образование и наука, Мила Царовска, го претстави предлог за новиот концепт на основното образование во Македонија.

„Мислам дека пред се ќе ја консултираме фелата - учителите и наставниците од шесто до деветто одделение, но и универзитетите, МАНУ, институти... за да може да го согледаме најисправниот терк на самата реформа. Зошто мора да го реформираме основното образование? Заради тоа што имаме еден голем баланс на непотребни работи кои ги учат нашите деца, а со тоа го скратуваат нивното внимание во другите активности“, рече Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање за најавените образовни реформи.

Целта е, потенцира тој, да се максимализираат содржините што ќе бидат од помош на децата во целосна консултација, не само со експертите туку со сите целни групи. Премиерот најави дека, паралелно со реформата на основното образование, продолжува реконструкција на училиштата, и информираше дека во собраниска процедура е нов заем од Светската банка во висина од 21 милион евра за основното образование.