Рјабков: Очекувам односите со САД да одат од лошо кон полошо

Сергеј Рјабков

Рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, ја обвини администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден за „русофобија“ и вели дека очекува односите со Соединетите Американски Држави (САД) да одат „од лошо кон полошо“.

„Би било чудно да се очекуваат добри работи од луѓето од кои многумина ја направија својата кариера на русофобија и фрлаа кал кон мојата земја“, рече Рјабков во интервју за Интерфакс, на помалку од еден месец пред инаугурацијата на Бајден.

Односите меѓу Москва и Вашингтон се влошија во последните неколку години во врска со прашањата меѓу кои руската анексија на украинскиот регион Крим во 2014 година, нејзината улога во војните во источна Украина и Либија, мешањето на изборите во САД и Европа и низа големи сајбер напади за кои се обвинети Русите.

Бајден, кој ќе биде инаугуриран на 20 јануари, се очекува да заземе поостар став кон Кремљ во однос на човековите права и надворешната политика во споредба со претседателот во заминување, Доналд Трамп, кој беше критикуван дека е премногу мек кон Русија.