Владата издвои 44 милиони денари за спас на Преспанско езеро

Преспанско езеро

Од Буџетот за 2020 година ќе бидат издвоени 44 милиони денари за спас на Преспанското Езеро, информираа денеска владините портпароли, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, соопштувајќи ги одлуките донесени на вчерашната владина седница. Парите ќе ѝ бидат одобрени на Општина Ресен, а се наменети за активностите на Акцискиот план за Преспанското Езеро.

Меѓу првичните клучни активности дефинирани со Акцискиот план за спас на езерото се: Уредување и чистење на крајбежниот појас, ажурирање на Регистарот на бунари, мониторинг на подземни води, контролирано црпење вода за наводнување, порибување со автохтони видови, реставрација на дел од старите рибници... Акцискиот план предвидува и итен состанок на Комитетот за Преспа Парк со албанската и грчката страна за начинот на управување, следење, размена на податоци и преземање на заеднички мерки за подобрување на состојбата на езерото.

Водостојот на Преспанското езеро веќе неколку години опаѓа, пто претставува директна закана за флората и фауната, а активистите и експертите постојано предупредуваат дека без соодветни мерки и акции ќе се случи еколошка катастрофа.