По вчерашната изјава на директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, дека во истрагата за „Еуростандард банка“, Управата за финансиска полиција веќе почнала предистражна постапка за две-три други банки, кои, како што рече Муареми, „постапувале на сличен начин, но со таа разлика што го искористиле заложното право“, денеска Управата за финансиска полиција (УФП) излезе со појаснување дека „дадената изјава воопшто не се однесува на сегашни случувања кај банките“.
„Изјавата се однесува на преземени дејствија од страна на банки кои како такви се имаат случено во период од 2007 до 2012 година. Оттаму, изјавата воопшто не имплицира дека во овој момент се преземени нови дејствија за нови случаи. За наведените дејствија Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и Известување до Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, соопшти УФП.
По изјавата на Муареми и по објаснувањето од УФП, од Народна банка, за Радио Слободна Европа, изјавија дека „во врска со изнесеното од директорот на Управата за финансиска полиција, а согласно природата на надлежностите на Управата, Народна банка не располага со детални информации за овие прашања.“.
„Дополнителното појаснување дадено од Управата денес, јасно посочува дека не станува збор за активности коишто тековно се одвиваат и со тоа не претставуваат ризик за банкарскиот систем. Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат солидни и стабилни, а впрочем и оцените на сите релевантни меѓународни институции за банкарскиот систем се позитивни“, велат за РСЕ од Народна банка.