Во скопските болници има 476 ковид пациенти и 45 слободни места

Илустрација - Клиника за инфективни болести во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 31 нов пациент поради компликации од коронавирусот, а вкупно 476 лица сомнителни и потврдени на Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, информираше денеска Министерството за здравство (МЗ).

Во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 11 приеми, и тоа по двајца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за неврологија и на Клиниката за гастроентерохепатологија, еден пациент на Кожната клиника и шестмина на ТБЦ. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 12 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 8 болни. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 45 оздравени пациенти.

„Вкупно 476 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив е на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово, до 8 часот, имало 45 слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, соопшти МЗ.