Србија утре ќе ја почне вакцинацијата против ковид-19 со вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“, соопшти денеска српскиот претседател Александар Вучиќ и појасни дека процесот ќе почне од домовите за стари лица, како и дека некој од власта ќе ја прими вакцината за да покаже дека таа е безбедна.
„Дали тоа ќе бидам јас, Ана Брнабиќ или Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ, ќе видиме. Некој од нас ќе го оставиме за втората вакцината за да им покажеме на луѓето дека секоја вакцина која нашиот здравствен систем ја добива е добра“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е уверен оти кон средината на јануари ќе може да се почне со масовна вакцинација, а ако до крајот на јануари Србија успее да вакцинира милион граѓани, тогаш тоа ќе биде голем успех. Вакцинацијата во Србија почнува откако вчера пристигна првиот контингент од 4.875 дози од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“.