Претседателот на САД Доналд Трамп го нарече пакетот за економска помош од 900 милијарди долари, штотуку усвоен од Конгресот, „срамота“, сугерирајќи дека тој нема да го потпише. На видеото објавено на Твитер на 22 декември, Трамп експлицитно не рече дека ќе стави вето на законот, но се пожали дека тој содржи премногу расипничко трошење и недоволна директна поддршка за Американците. Предлог-законот предвидува еднократна исплата од 600 американски долари за повеќето Американци, но Трамп рече дека бара од Конгресот да го измени законот и „да ги зголеми смешно ниските 600 на 2.000 долари“.
Конгресот на САД согласен за пакет од 900 милијарди долари за помош на економијата
По повикот на Трамп за поголеми стимулации, раководството на Демократите во Претставничкиот дом и Сенатот соопштија дека се подготвени да одобрат помош од 2.000 долари оваа недела. Сепак, на ова веројатно ќе се спротивстават многу републиканци. Економскиот пакет комбинира помош од 900 милијарди американски долари за поддршка на поединци и бизниси уништени од пандемијата на коронавирусот со буџетот од 1,4 трилиони долари за финансирање на владата во фискалната 2021 година. Исто така, предвидува различни намалувања на даноците. Птретходно, избраниот претседател на САД, Џо Бајден го поздрави одобрувањето на пакетот економска помош во Конгресот.