Македонскиот премиер Зоран Заев вечерва на својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека по одлуката за донации на вакцини, изразил благодарност лично до бугарскиот премиер Бојко Борисов, до Владата на Бугарија и до бугарскиот народ за солидарниот и хуман гест и исклучителен чин на пријателство кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Северна Македонија.
„Во благодарноста на премиерот Борисов му пренесов дека донирањето на дел од вакцините кои ги набави бугарската влада е многу важно и доаѓа во исклучително тешки времиња на силен бран на коронавирусот со кој се соочуваат двата народи, двете држави и целиот свет“, напиша Заев.
Инаку бугарската Влада, на чија денешна седница обраќање имаше и македонскиот министер за здравство Венко Филипче одлучи од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел да донира за Северна Македонија.