Влада- по исцрпна јавна расправа до најдобрите решение за основното образование

Седница на македонската влада

Членовите на македонската влада денеска на седницата на која била презентирана Нацрт - концепцијата за основно образование заеднички заклучиле дека е неопходно да се спроведе исцрпна јавна расправа со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието и низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование, соопштија од владината прес служба.

Во соопштението се нагласува дека треба и да се појаснат некои од прашањата што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.

“Презентацијата јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, како и дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин“, наведуваат од Владата.

Инаку, ова реформа која неодамна ја најави министерката за образование Мила Царовска предизвика силни реакции во јавноста поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

На денешната владина седница беа усвоени и пакет закони за селекција и управување со отпад според ЕУ стандарди.