Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека беспоговорно ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за прогласување за нелегитимна на Владата која тој ја води и организирање вонредни парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти попладнево на прес-конференција побара Собранието да не се расушти пред да се изгласа буџетот на државата за 2021 година.
Уставниот суд на Косово синоќа го прифати барањето на опозициското Движење самоопределување (ВВ) за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците за избор на актуелната влада. Земајќи предвид дека без тој глас кабинетот на Хоти на 3 јуни не би обезбедил мнозинство од 61 пратеник во Собранието, Судот одлучи дека и тогаш изгласаната Влада нема легитимитет.
По оваа одлука, вршителката на должноста претседател на државата, Вјоса Османи, согласно Уставот, треба по консултации со партиите, ои ги започна денеска, да го одреди датумот на одржување на вонредните парламентарни избори, кој може да биде најдоцна 40 дена по распуштањето на Собранието.