Апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на ЕУ. Комуникацијата со официјална Софија продолжува во насока на изнаоѓање решение, имаме волја да продолжиме понатаму, да не изгубиме ниту еден ден, ниту билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси, па ниту изборите да бидат пречка за решавање на билатералните разлики, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Коментирајќи ја изјавата на неговата бугарска колешка Екатерина Захариева дека „не сите земји се за члнество на Северна Македонија во ЕУ“, Османи посочи дека апсолутно е јасна поддршката за нас од страна на сите преостанти 26 земји членки на Унијата.
Захариева за бугарските медиуми претходно изјави дека не сите ја поддржуваат Македонија и дека нема толкав ентузијазам токму утре некоја земја од Западен Балкан да стане членка на ЕУ.
Во однос на нон-пејперот што специјалниот пратеник на македонската влада Владо Бучковски го предаде на државниот врв во Бугарија при неговата прва посета на Софија, Османи рече дека досега немаат добиено одговор, а дека во овој период е време овде да се седне и да се рефлектира по однос на тоа што се случи и која би била следната динамика на разговори.