ДКСК ќе испита дали градоначалникот Шилегов има договор со адвокатот Шилегов

Петре Шилегов

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе ги испита наводите дали Град Скопје има склучено договор со адвокатското друштво на градоначалникот Петре Шилегов, информираше на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

„Во врска со наводите што ги слушнавме преку медиумите, дека Градот Скопје има склучено договор со адвокатското друштво, ДКСК одлучи да го испита овој случај и да ги потврдиме или отфрлиме наводите и за тоа ќе ја известиме јавноста, бидејќи станува збор за сензитивно прашање. Во однос на тоа дали тој сега има договор со адвокатската канцеларија, наводите не се точни бидејќи тој го раскина договорот со адвокатското друштво“, рече Ивановска.

Пред неколку дена, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го обвини Шилегов дека „како градоначалник склучил договор со неговото адвокатско друштво да го застапува Градот“.

Претседателката на ДКСК денеск рече и тоа дека Антикорупциската комисија еднаш констатирала судир на интереси во тоа што градоначалникот Петре Шилегов склучил договор за консултантски услуги со своето адвокатско друштво, но случајот бил затворен откако тој го раскинал договорот. Како што додаде, тогаш постапувале по доставена пријава, по што антикорупционерите го повикале Шилегов и му доставиле одлука за судир на интереси.