Русија соопшти дека го проширила списокот на официјални претставници на Европската унија (ЕУ) на кои им се забранува влез во земјата како одговор на „неприфатливата“ одлука на блокот да воведе забрани за патување на руски официјални лица во врска со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.
„Министерството за надворешни работи (МНР) во Москва одлучи да го прошири списокот на претставници на земјите-членки на ЕУ и институциите на кои ќе им биде забранет влез во Руската Федерација“, се вели во денешното соопштение на руското МНР, и се додава дека тие лица се „одговорни за промовирање иницијативи во рамките на Европската унија за антируски санкции“.
Во соопштението него не беа именувани официјалните лица, но се вели дека ги повикале шефовите на дипломатските мисии на Германија, Франција и Шведска, како и на делегацијата на ЕУ во Москва да ги известат за одлуката.
Навални во август беше пренесен на лекување во Германија откако му се слоши во авион во Русија. Лабораториите во Германија, Франција и Шведска подоцна заклучија дека водечкиот критичар на Кремљ и борец за борба против корупцијата е отруен со нервен агенс Новичок. ЕУ и Велика Британија во средината на октомври воведоа замрзнување на имотот и забрани за патување против шест високи руски функционери и еден државен научно-истражувачки центар за „обид за атентат“. Руските власти негираа вмешаност во труењето.