Бројот на новодијагностицирани и починати, како и на процентот на позитивни од тестирани за Ковид-19, во периодот од 14 до 20 месецов, споредено со претходната недела, е намален, покажуваат податоците од денеска објавениот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Тоа, како што посочуваат оттаму, е тренд во изминатите три недели.
Според извештајот, во тој период се пријавени 159 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 8,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 од 50-59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, а три случаи од возрасната група од 30-39 години.
„Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со намалување од 16,9 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје. Процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 29,3 проценти, што е намалување од 5,5 проценти во однос на минатата недела“, соопшти ИЈЗ.