Бугарскиот премиер, Бојко Борисов, на денешната владина седница изрази надеж дека следната година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на Македонија во Европската Унија, пренесе МИА.
Изјавата на бугарскиот премиер следува еден ден откако и македонскиот премиер, Зоран Заев, изјави дека верува оти ќе се најде решение за спорот во првата половина од следната година. Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на Европската унија и Македонија со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство, а Софија притоа инсистира Македонија да признае бугарски корени на идентитетот и јазикот.
На денешната седница на бугарската Влада, а на покана на Борисов и на бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов, учествуваше и македонскиот министер за здравство, Венко Филипче, при што беше одлучено дел од секоја пратка вакцини против Ковид-19 што ќе стаса во Бугарија да биде донирана за граѓаните на Македонија.
„Ова го правиме со чисто срце без никакви задкулисни намери, го правиме за нашите најблиски соседи. Бугарија е подготвена да помогне со вакцини против Ковид-19 во регионот на Западен Балкан“, напиша Борисов на фејсбук, по седницата на неговата Влада.