Бугарија дел од своите вакцини ќе ѝ ги донира на Македонија

Илустрација - Вакцината против Ковид-19 на Фајзер

Бугарија од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира на Северна Македонија, одлучила утрово бугарската Влада, на чија денешна седница обраќање имал и македонскиот министер за здравство, Венко Филипче.

Министерот оваа информација утрово ја објави на неговиот официјален фејсбук профил.

„Со оваа одлука, во нашата земја вакцини против Ковид-19 ќе стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија (ЕУ). Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70% од населението. Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека“, напиша Филипче.

Македонија обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот.

„ЕУ, за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини, и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Македонија преговора и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив“, информираше Филипче.