Еден дел од украдената марихуана од Валандовско-гевгелискиот регион веќе е откриен во областа на Арачиново, еден дел е во Косово, се работи со службите да се открие до крај и да бидат извадени пред лицето на правдата сите одговорни, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.
Од украдените 2 тони марихуана од фабрика во валандовското село Јосифово, во полициска акција во село Мојанци, во општината Арачиново беа пронајдени 231 килограми.
Вооружени лица на почетокот на месецов упаднале во магацин на лиценцирана фабрика за медицински канабис во Јосифово, го врзале и го затвориле чуварот и со камион ја одвезле украдената дрога.
По полициската акција во Арачиново беа поднесени кривични пријави против шест лица. Камионот со кој беше украдена дрогата беше пронајден без регистарски таблички на граничниот премин Блаце со Косово.