Османи од Виена: Не се откажуваме од евроинтеграцијата

Бујар Османи

Бујар Османи

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, за време на денешната работа посета на Австрија, во Виена се сретнал со австрискиот сојузен министер за Европа и надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, кому му се заблагодарил за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија за европската перспектива на Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

„Оваа моја посета денес претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите – членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот, и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно“, изјавил Османи.

Како што соопшти МНР, тој додал дека сме свесни дека процесот е сложен, дека не е едноставно да се постигне консензус, но, како што кажал, „ние не се откажуваме, напротив, постојано јавно кажуваме дека сме подготвени и натаму да работиме посветено и на реформите, и на добрососедските односи, и на сите предизвици кои ќе се појават, сѐ до нашето полноправно членство во ЕУ“.