Заев до Каракачанов: Македонци сме со векови, а не од 1944

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов

1943-та, на 31 декември, македонските граѓани не си легнаа како Бугари, а се разбудија на 1 јануари 1944-та како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад. Се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци. Тоа е нашиот директен одговор.

Вака премиерот Зоран Заев денеска одговори на изјавата на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, кој рече дека „пред 1944 година македонската нација не постоела“ и дека „сме се разбудиле во 1944 со мисла дека сме Македонци“.

Премиерот изјави и дека се надева оти во првата половина од наредната година ќе се најде решение за спорот со Бугарија и дека Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција. Во меѓувреме, според него, „дома продолжуваме по европскиот пат, а европеизацијата на државата нема да застане“.

Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Европската унија и Македонија, поради тоа што, како што вели Софија, Скопје не го исполнува потпишаното од Договорот за добрососедство и инсистира Македонија да признае бугарски корени и да не инсистира на македонско малцинство во Бугарија.