Премиерот Зоран Заев денеска на прес -конференција ги промовираше, како што рече, 10-те приоритети на Владата за следната 2021 година, наречени „Акција 21“. Според премиерот, се работи за големи и важни македонски, домашни проекти, чија цел е постигнување на европските стандарди дома.
„Сите заедно продолжуваме да ја правиме Северна Македонија европска подготвени во секое време да ги почнеме преговорите за членство“, рече Заев.
10-те приотитети, рече Заев, се: 1.Прочистување на правосудството (паралелно со ЕУ мониторингот на судските предмети за висока корупција), 2. Борба против корупција (зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалната власт), 3. Заштита на природата (Осоговски планини, Шар планина, Студенчишко блато), 4. Мерки против ковид-19, 5. Канабис, 6. Енергетика, 7. Инфраструктура, 8. Попис, 9. Борба против дезинформациите и 10. Нови економски потенцијали.
Премиерот нагласи дека е важна и образовната реформа, но, како што рече, „новите содржини не одат на сметка на постоечките, ќе продолжат да се учат сите досегашни предмети, како историја, географија, биологија, хемија, се што е неопходно за знаењето на улениците“. Тој најави дебата за предложените реформи и дека ќе се избере најдобриот модел, кој ќе може да се имплементира. Заев нагласи дека владината цел не е да се укине предметот историја.