Премиерот Зоран Заев кој денеска беше во обиколката на Преспанското езеро, со цел да се прецизира спроведување на акцискиот план предложен од експертите за управување на езерото, кажа дека Владата обезбеди првични 80 милиони денари (1,3 милиони евра) за ревитализација на Преспанското Езеро.
Тој рече дека препораките од акцискиот план ќе се организираат во три фази. Првата фаза, опфаќа анализи, студии, препораки и средби на засегнатите страни, и во голем дел е веќе спроведена. За следните две фази клучна ќе биде иницијативата и кај соседите, па ќе се побара трите земји да дадат нова динамика на проектот за заштита на Преспанското Езеро, поддржан и од Европската Унија.
„Во делот на краткорочните мерки, Владата ја подготви одлуката за определување на пари за Општина Ресен во висина од 80 милиони денари, кои ќе бидат наменети за чистење на површините на езерото каде што водата е повлечена, посебно кај некои плажи. Чистењето од тињата и од остатоците од дрвја и друг материјал ќе се изврши со посебни бродови опремени за таа намена, кои нема да наштетат на биодиверзитетот, а ќе ги овозможат понирањето на водата и сигурен и стабилен воден режим, посебно во летниот период“, рече Заев.
Се помалку вода во езерата и реките во Македонија
Во втората фаза предвидена е изградба на современи прочистувачи на сите отпадни води кои се влеваат во Преспанското Езеро.
Човекот го забрзува стареењето на Преспанското Езеро
Езерото кое е старо над пет милиони години, веќе подолго време е со драматично намален водостој, како последица на климатските промени, но и црпењето на водата за што одговорни се земјоделците во целиот Преспански регион, кој е во сопственост на три држави.