Американската агенција АП известува дека граѓаните од балканските држави кои се враќаат од Западна Европа вчера создале огромен сообраќаен метеж на граничните премини и покрај ограничувањата за патување поради коронавирусот.
Долги колони на автомобили има на границите меѓу Словенија и Хрватска, како и Унгарија и Србија, а илјадници луѓе чекаат со часови да поминат, наведува АП.
Многу луѓе од Турција, Србија, Македонија, Косово и Босна кои работат и живеат во Западна Европа, за време на празниците традиционално се враќаат дома со автомобил.
Некои држави членки на Европската Унија, во кои работат многу мигранти наметнаа задолжителни тестови за коронавирус и изолација по нивното враќање, со надеж дека ќе ги одвратат луѓето да патуваат во земји со високи стапки на заразаени.
Покрај вообичаените сообраќајни гужви пред Божиќ , хаосот на границата веројатно ја потикна Србија да воведе одлука за задолжителни негативни тестови за коронавирус за странци кои ќе влегуваат во земјата од понеделник, наведува АП.
Српските граѓани без негативни тестови ќе мора да се изолираат 10 дена по пристигнувањето.
Хрватска, членка на ЕУ, исто така, бара задолжителни негативни тестови на коронавирус за нејзините граѓани кои доаѓаат од странство, што ги забави вообичаените гранични проверки.
Хрватската државна телевизија ХРТ вчера објави дека на границите на Хрватска со Босна и Србија се формирале редици автомобили.
Српската телевизија РТС соопшти дека патниците чекале најмалку четири часа на преминот меѓу Унгарија и Србија. Се наведува дека околу 16.000 луѓе влегле во Србија во изминатите 24 часа.