Протест на моторџиите за сообраќајката кај "Млечен"

Илустрација.

Група моторџии денеска излегоа на протест против условната казна за виновникот во сообраќајката кај „Млечен“ од октомври 2018 година, во која загина 32-годишниот Гоце Димитриевски, а неговата бремена сопруга Наташа го загуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди кои сѐ уште ги лекува.

Моторџиите наведоа дека целта на протестот е да се крене гласот против неказнивоста на сторителите на тешки дела во сообраќајот.

„Изрекување казна условен затвор, де факто слобода, во случајот како за сообраќајката кај ‘Млечен’, е недозволива судска пракса. Судиите што носат вакви пресуди и обвинителите за кои ваквите пресуди се прифатливи треба да знаат дека со таков тип неказнивост директно поттикнуваат натамошно дивеење во сообраќајот, што доведува до нови жртви кај невини луѓе кои се придржуваат на правилата и прописите" се наведува во повикот за протестот.

На протестот беше и сопругата на загинатиот Гоце Димитриевски, која претходно иницираше постапки против надлежната првостепена судијка и против обвинителката која го водеше случајот.

Случајот „Млечен“ е на одлучување пред Апелациониот суд-Скопје, кој треба да одлучи по жалбата на обвинителството.