Ние сме пријатели со Бугарија, треба да го решаваме проблемот, а јас не знам во што е проблемот, изјави денеска Премиерот Зоран Заев во Битола каде присуствуваше на промоција на шест нови еко-автобуси во РЕК Битола, на прашање на новинарите околу односите со Бугарија.
"За нас Европската Унија е светост, нашата европеизација ја сакаме со постигнување европски вредности дома и ние тоа ќе го правиме со блокади или без блокади. Ние сме пријатели со Бугарија, треба да го решаваме проблемот, а јас не знам во што е проблемот. Дефиниравме дека долгото и краткото име на државата се едно исто – Република Северна Македонија, немаме територијални претензии, пријатели сме и пренесовме комплетна доверба", рече Заев.
Toj рече дека е согласен сум ако треба уште еднаш да се дефинираат работите коишто се напишани во Договорот, а тоа е немешање во внатрешните работи вклучително и малцинските права, објаснувајќи дека тие се решаваат на меѓународно ниво пред Судот за човекови права.
"Реално, подготвен сум иако имам критики во домашната јавност, на спомен-плочите каде што пишува бугарски фашистички окупатор да остане само текст фашистички окупатор. Во духот на пријателството треба да внимаваме и како што Полска и Германија го решија проблемот или како што тоа го направија Германија и Франција, да гледаме низ призмата на пријателството", истакна Заев.
Бугарското МНР: Нашата позиција кон Северна Македонија нема да се промени
До коментарот на премиерот Заев доаѓа откако денеска бугарското МНР за софискиот дневен весник Труд наведе дека Бугарија нема да ја промени својата позиција кон Северна Македонија во следните месеци.
На прашањето на „Труд.бг“, какви активности ќе преземе Софија во следните 6 месеци за да се најде решение за Северна Македонија, од министерството велат дека би било неразумно да се очекува промена на бугарската позиција.
„Оваа позиција е предмет на надпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда, 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така, имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, наведуваат од бугарското министерство.