Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, кажа дека е јасно оти Русија стои зад големиот хакерски напад врз неколку американски владини агенции, а во кој исто така беа погодени и комерцијални инфраструктури ширум светот.
Говорејќи во шоуто со коментаторот Марк Левин вчера, Помпео рече: „Мислам дека сега можеме да кажеме прилично јасно дека Русите се занимаваат со оваа активност.“
Помпео оцени дека се работи за голема операција која се состои во користење на софтвери за да се влезе во системите на американската влада.
Бајден: хакерските напади се сериозна закана
Досега администрацијата се воздржуваше да каже од каде потекнува хакерството , а претседателот Доналд Трамп јавно не се осврна на ова прашање. Безбедносните експерти велат дека сајбер нападот може да им овозможи на напаѓачите мрежен пристап до чувствителни владини информации и мрежи кои работат со инфраструктура, како што се електрични мрежи.
Околу 80 проценти од погодените клиенти се наоѓаат во Соединетите држави , наведе претседателот на Мајкрософт, Бред Смит, во својот блог.
Другите жртви на хакерскиот напад се во Белгија, Велика Британија, Канада, Израел, Мексико, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати.
Странски сајбер напад врз американските владини мрежи
За големиот хакерски напад за првпат имаше известување на 13 декември во вести кои цитираа неидентификувани Американски официјални лица кои велеа дека се осомничени хакери со седиште во Русија
Руската амбасада во Вашингтон негираше каква било вмешаност, наведувајќи дека Русија „не спроведува офанзивни операции во сајбер доменот“.