Пендаровски: Очигледно Бугарија ја научи лекцијата од Грција

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на државата Стево Пендаровски во однос на блокадата на Бугарија на македонските евроинтеграции изјави дека нашиот источен сосед ја научил лекцијата од Грција.

„Очигледно Бугарија ја научи лекцијата од Грција од пред десетина години, која не блокираше на тогашниот НАТО самит во Букурешт. Нивниот резон беше дека ако сега не ги постават нивните услови, тогаш нема кога понатаму. Ако не ставеа на почетокот вето или блокада, тие се плашат дека нашата држава ќе напредува со текот на времето околу преговарачките поглавја и се потешко би им било да го стават ветото“, порача Пендаровски за емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Тој истакна и дека во минатите три години немало никаква најава од Бугарија дека ќе излезе надвор од Договорот.

„Бугарските барања последните месеци излегуваат надвор од параметрите. Неоспорно е тоа“, рече Пендаровски.

Обелодени дека било предложено во заедничката комисија за историски прашања да бидат вклучени и германски експерти кои би помогнале како трета страна, но оти тоа било одбиено од страна на Бугарија. Според него, се додека не се приклучи трета страна која ќе има статус на консултант, нема да има напредок во работата на комисијата. Пендаровски порача и дека не треба да има менување ниту на учебници, ниту на споменици се додека не се постигне договор.

За Чешка и Словачка кои не се согласија со заклучоците за проширувањето, Пендаровски рече дека се слушнал со двајцата амбасадори и изразил огромна благодарност. Во однос на Русија и зошто не реагираат, тој рече дека тоа е бидејќи не се членки, но дека секогаш јасно посочуваат дека станува збор за македонски јазик.