Реакција на Бугарија за „неочекуваното“ вето врз заклучоците на Советот

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека земјата жали што „неочекувано“ и „без образложение“ биле блокирани заклучоците на Советот за проширувањето од страна на две земји членки.

„Подготвени сме да ја слушнеме загриженоста што доведе до оваа одлука и да продолжиме со нашите напори да изградиме консензус за проширувањето. Бугарија даде согласност за заклучоците на Советот за проширувањето за време на состанокот на КОРЕПЕР II на 16 декември, со што германското претседателство постигна консензус“, се вели во соопштението.

Соопштението на бугарското МНР доаѓа откако денеска министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка во заедничко соопштение објавија дека не даваат согласност за закучоците на Советот на Европа во нацрт-текстот за проширување.

Тие посочија дека се „длабоко разочарани“ бидејќи не се одобрени рамките за преговори за Северна Македонија и Албанија.

Чешка и Словачка наведоа дека текстот содржи елементи, вклучително и поимот за фалсификување на историјата, што според нив „ќе биде многу штетно за процесот на проширувањето“.

„Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме“, наведуваат двете земји.

Бугарското МНР во реакцијата вели дека во заклучоците, на инсистирање на Бугарија, била вклучена реченица за важноста на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и Грција и дека нивното спроведување ќе доведе до крај на сите тврдења засновани на погрешно толкување на историјата. За време на состанокот, заклучоците беа одобрени едногласно, неведува бугарското МНР.

„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да го наруши кредибилитетот на ЕУ и ја спречува Унијата да испраќа толку потребни сигнали до Западен Балкан, поврзани со потребните реформи што земјите аспиранти треба да ги преземат“, се вели во соопштението.

Исто така Бугарија наведува дека како една од земјите-членки „што ја поддржува политиката за проширување“, би сакала да го охрабри Советот конструктивно да се справи со моменталната состојба со цел да ги усвои заклучоците на Советот под сегашното претседателство на Советот на ЕУ.

Во реакцијата на бугарското Министерство за сти посебен дел со насловен појаснување, во кој се вели дека заклучоците на Советот на ЕУ за проширување немаат никаква врска со процесот на одобрување на рамките за преговори за Република Албанија и Република Северна Македонија.

„Бугарија ја поздравува рамката за преговори за Албанија и го поздравува дополнителното време предвидено за подобрување на рамката за Република Северна Македонија“, стои во реакцијата.