Заклучоците за Западен Балкан не се усвоени, дознава Радио Слободна Европа од доверливи дипломатски извори во Брисел. За нив не се ни расправало, бидејќи денеска стана јасно дека нема едногласност за содржината на завршните заклучоци. Како што претходно потврдија дипломатски извори за РСЕ ова прашање е целосно симнато од агендата, откако некои земји членки на ЕУ утрово имаа забелешки за јазикот кој е користен во поглавјето за добрососедските односи.
Конкретно, заклучоците за Западен Балкан повторно влегоа во ќорсокак бидејќи некои земји членки на Европската унија сметаат дека опфаќањето на историскиот контекст во официјалните документи на Европската унија создава нов преседан, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел.
Амбасадорите на земјите членки на Европската унија вчера се согласија за завршниот текст, а во заклучоците, како што се брифира, се задоволени барањата на Бугарија, па тие влегоа во процес на усвојување.
Видете и ова: Владата - ЕУ не ги одржа ветувањата, се отвора можност за продирање на трети страниМеѓутоа, како што јавува дописничката на РСЕ од Брисел, повеќе дипломатски извори поврдуваат дека дошло до промена на ситуацијата откако тој документ го прочитале надлежните официјални лица во некои држави членки. Според изворите од Брисел, Словачка со поддршка на Чешка и Австрија, сметаат дека „премногу и се попуштило на Бугарија“, во текстот на завршниот документ.
За потстетување, во усогласениот текст се наведува дека треба да се избегнуваат „изјави и работи кои негативно ќе влијаат на добрососедските односи и мирното решавањето на споровите“. Исто така во текстот се наведува неопходноста од имплементација на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија и се нагласува важноста од нивната понатамошна примена.
„Овие два главни чекора треба ефективно да стават крај на сите обвинувања засновани на погрешно толкување на историјата“, се вели во нацрт-заклучоците.
Инаку Бугарија го блокираше усвојувањето на годишните заклучоци за Западен Балкан поради билатералниот спор со Македонија. Заклучоците за Западен Балкан редовно се усвојуваат на министерско ниво меѓутоа на последниот состанок на осми декември тоа не беше можно поради бугарската блокада.