Маратонско обраќање на Путин -Русија подобро се справи со ковид од повеќето земји

Рускиот претседател Владимир Путин, на маратонската годишна прес-конференција, рече дека Русија, како и другите земји, се соочила со проблеми поврзани со ковид-19 во 2020 година, но оти земјата подобро се справува со пандемијата од повеќето други.

Русија, која има околу 145 милиони жители, е на четвртото место во светот според бројот на досега заболени и на 10-тото место според бројот на смртни случаи од новиот коронавирус. Во земјата досега има над 2,7 милиони заразени и скоро 50 илјади починати од болеста.

„Можеме уверено да кажеме дека се справивме со овие проблеми правилно и веројатно подобро од другите земји кои се гордеат со нивната економска стабилност, развојна социјалните служби и здравствениот систем“, рече Путин.

Прес-конференцијата на Путин се случува во момент кога руската економија е погодена од падот на нафтата, кој е нејзин главен извозен продукт, и со засилени меѓународни критики поради труењето на истакнатиот критичар на Кремљ Алексеј Навални, како и поради големиот компјутерски напад врз американски владини цели, за кои се сомничи Москва.

Путин предвидува дека руската економија годинава ќе падне за 3,6 отсто, и рече оти тоа е помал пад отколку во САД и во ЕУ. Тој рече дека финансискиот систем во земјата е „стабилен“ и оти се очекува личните приаходи годинава да се зголемат за 1,5 отсто, но оти Русите може да не го почувствуваат тоа.


Настанот, кој се пренесува на телевизиите, е еден од низата вакви, што 68-годишниот Путин ги користи за засилување на својот имиџ и да ги увери Русите дека се во сигурни раце и да испрати сигнали до САД и до остатокот од светот. Владимир Путин доминира во руската политика две децении. Од 1999 година, тој е или претседател или премиер. Уставните измени кои беа донесени оваа година му го отвораат патот да остане на власт до 2036 година.

Поради пандемијата Путин се обрати од неговата резиденција во Ново-Огариово надвор од Москва, а новинарите пресот го следеја во московскиот меѓународен трговски центар. Регионалните медиуми се поврзаа преку видео врска. Кремљ соопшти дека повеќе од 700 новинари од Русија и странство се акредитирани за маратонскиот настан што обично трае неколку часа.