Кина го поздрави испраќањето на тим на СЗО за испитување на ковидот

Кина го поздрави испраќањето меѓународен тим истражувачи за ковид-19, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Се очекува тимот од СЗО да отпатува во Кина на почетокот на следниот месец.

Бабатунде Олоукуре, регионален директор на СЗО за итни случаи во Западен Пацифик, на прес-конференција рече дека организацијата разговара со Пекинг за тоа каде да отпатуваат истражителите.

СЗО на 16 декември соопшти дека тим меѓународни експерти ќе патуваат во кинескиот град Вухан следниот месец за да го испитаат потеклото на коронавирусот.

Пандемијата уби повеќе од 1,6 милиони луѓе и зарази над 73 милиони на глобално ниво, откако вирусот се појави во Вухан пред една година.


Прашањето од каде потекнува вирусот и како тој првпат преминал на луѓето останува непознато. Првично се веруваше дека вирусот е пренесен од животно на луѓе.
Потрагата по изворот на вирусот доведе до тензии. Американскиот претседател Доналд Трамп ja обвини Кина дека се обидува да сокрие од каде потекнува епидемија.

Пекинг не сакаше да се согласи на независна истрага и беа потребни многу месеци преговори за да може СЗО да има пристап до Вухан.
Се очекува мисијата да трае четири или пет недели.