Годишните заклучоци на Советот на министри на ЕУ за Западен Балкан се деблокирани откако беа исполнети барањата на Бугарија во врска со Северна Македонија и добрососедските односи и ќе бидат денеска усвоени по пишана постапка, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел. Советот на ЕУ ќе ги објави официјално заклучоците веројатно до крајот на оваа недела. На состанокот на министрите за европски работи на 8-ми декември, Бугарија го блокираше усвојувањето заклучоци за билатералниот спор со северна Македонија. Последниот нацрт заклучок, до којшто располага РСЕ, содржи компромисна дефиниција за која се вели дека е задоволителна за Бугарија, со што се деблокира процесот на усвојување на заклучоците.
Каракачанов - Северна Македонија да го спроведе Договорот за добрососедство
„Треба да се избегнуваат изјави и активности што негативно влијаат на добрососедските односи и мирно решавање на споровите. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста за нивно понатамошно спроведување. „Овие два главни чекора треба ефективно да стават крај на сите обвинувања засновани на погрешно толкување на историјата“, се вели во нацрт-заклучоците. Во заклучоците, Советот на ЕУ ќе ја потврди својата заложба за проширување на европското семејство, што се смета за клучна политика на европскиот блок, но ги повикува земјите од Западен Балкан и понатаму да се вклучат во клучните реформи, особено оние што се однесуваат на владеењето на правото.
Владата - ЕУ не ги одржа ветувањата, се отвора можност за продирање на трети страни
Македонската влада е разочарана што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за преговарачката рамка со која ќе се овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и С. Македонија до крајот на годината, се наведува во владиното соопштение, како реакција на заклучоците на Комитетот на постојани претставници. „Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ“, стои во соопштението на Владата во кое се оценува дека „оваа грешка е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа“.