Владата е разочарана што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за преговарачката рамка со која ќе се овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и С. Македонија до крајот на годината, се наведува во владиното соопштение, како реакција на денешните заклучоци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР).
„Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ“, стои во соопштението на Владата.
Во Владата велат дека се изневерени очекувањата на граѓаните, кои, како што наведуваат, беа поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки.
„Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа“, стои во соопштението.
Во него се наведува дека за Владата барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат ставовите дека за идентитетските прашања нема преговори.
Владата останува посветена на дијалогот со Софија, подготвени се доколку има потреба да се разјаснат одредени дилеми, но остануваат на позициите дека за македонскиот идентитет не се преговара.
РСЕ претходно јави дека се одблокирани заклучоците за Западен Балкан со тоа што е пронајдена компромисна реченица која ги задоволува бугарските барања за добрососедските односи и тие ќе бидат усвоени.
„Изјави и работи кои негативно влијаат на добрососедските односи мора да се одбегнуваат. Советот на ЕУ потсетува на Договорот од Преспа меѓу Република Северна Македонија и Грција, како и на Договорот за добрососедски односи и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната примена. Овие два чекора треба ефективно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешна интепретација на историјата“, стои во нацрт заклучокот на ЕУ за Западен Балкан.
Официјална Софија ја блокираше преговарачката рамка за зачленување на земјава во Европската унија, обвинувајќи дека не се почитува Договодот за добрососедство и со барање добрососедските односи да бидат меѓу главните теми во преговарачката рамка.