Граѓанската организација за унапредување на правата на самохраните родители „Една може“ бара итно реобмислување и реформирање на мерката за самохрани родители и еднородителски семејства од четвртиот антикризен пакет на Владата.
Од организацијата реагираат дека не можат да аплицираат за да се добијат 6000 денари, како дел од мерките на Владата, оти документите кои им се бараат се издаваат во рок од 5 до 10 дена, со што ќе помине времето за да аплицираат. Реагираат и за податоците на веб страната „Купувам домашно“, кои не се целосно ажурирани и не секој граѓанин може да провери дали одредената мерка се однесува за него, укажува Здружението. Од Здружението велат дека проблемите се појавуваат бидејќи мерките се креираат без консултирање со експертската јавност и граѓанскиот сектор кој работи на унапредување на правата на целната група – самохрани родители и еднородителски семејства.
Мерката на Владата со која е опфатени еднородителските семјства предвидува помош од 6000 денари еднократно да добијат самохрани родители со ниски месечни примања. Од „Една може“ предлагаат мерката да се промени и остварениот приход од јануари – август од 120 илјади да биде подигнат на 200 илјади денари за да ги опфати сите самохрани мајки кои земаат плата под просечната.