Не се укинува историјата како предмет во основното образование, ниту пак која било друга научна дисциплина, соопштуваат од Министерството за образование и наука (МОН), по објавите, меѓу кои и на опозицијата дека предмет историја се брише. Според новиот концепт неколку предмети ќе се спојат во нов, а целата на реформите е ученикот да добие целосна слика за одреден настан или тема. На пример предметот историја нема да се изучува повеќе како посебен предмет, туку како дел од општествените науки, а се интегрираат и предметите биологија и хемија. Планот на МОН е да се воведе учење преку истражување, преку кое ќе се подобриме образованието и ќе се негуваат креативни и иновативни ученици.
„Во овој момент во рамки на јавната расправа се дискутира за Концепт на образование, а не за конкретни наставни програми. При изработката на наставните програми ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование, итн). Во овој процес ќе бидат вклучени универзитетски професори, наставници од соодветните области и сите релевантни чинители, додава МОН во соопштението.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ова е тешка импровизација во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина. Од партијата прашуваат дали тоа што историја се интегрира во општествени науки, заедно со дел од географија и граѓанско образование значи кратење на наставните програми по историја и дали ова значи прилагодување на историјата кон политичките потреби на СДСМ?