И претходно и сега сум убеден дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите, рече денеска претседателот Стево Пендаровски во своето годишно обраќање во Собранието. При тоа нагласи дека за вакво прашање не треба ни референдум, бидејќи се знае одговорот, а компромисот со Грција бил направен затоа што и во грчкиот парламент и во Обединетите нации беше ратификувано и потврдено дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик.
Пендаровски рече дека за утврдување на нашите црвени линии затоа што ниту еден парламентарен политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик и дека за него е “несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“.
Пендаровски во годишното обраќање се осврна и на најавениот попис на неселнието со апел да се вградат сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата.
Пендаровски нагласи дека напредокот на Македонија е во дијалогот, унапредувањето на економијата и технолошкиот развој, за што е „потребен развој на образованието и унапредување на владеењето на правото“.
„Од правната држава директно зависат: економскиот развој, демократијата, конечно, и емиграцијата. Младите и способните не ја напуштаат својата земја само заради гол опстанок, туку, често и поради (не)квалитетот на животот. А, правдата е еден од клучните аспекти на квалитетот на животот. Секој сака да живее во организирано општество и во држава со предвидлива иднина“, рече шефот на државата.
Пред неговото обраќање, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извадија транспаренти, а потоа ја напуштија салата во Собранието. Потегот подоцна го образложи пратеникот Александар Николовски: „Ние му свртевме грб на Пендаровски, бидејќи тој му сврте грб на македонскиот народ“.