Белорускиот опозициски лидер Свјатлана Циханускаја и другите лидери на белоруската демократска опозиција на денешната церемонија ќе ја добијат наградата на Европскиот парламент „Сахаров“ за слобода на мислата во 2020 година. Циханускаја престојуваше во Брисел оваа недела на разговори со лидерите на Европската унија пред церемонијата на доделување на престижната награда. Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли изјави дека претставниците на белоруската опозиција се одликувани за храброста, издржливоста и одлучноста што ја покажаа во одбрана на слободата на мислата и изразувањето. Годишната награда за човекови права од 50.000 евра е именувана по советскиот физичар и дисидент Андреј Сахаров и е основана во 1988 година за да им се оддаде почит на поединци и организации кои ги бранат човековите права и основните слободи.
Продолжуваат опозициските протести во Белорусија
Протестите против Александар Лукашенко траат од спорните претседателски избори на 9 август. Според Обединетите нации, полицијата насилно презема мерки против протестите, со повеќе од 27.000 притвори. Имаше и веродостојни извештаи за тортура и малтретирање, а неколку лица починаа. Лукашенко кој е на функцијата од 1994 година, беше официјално прогласен за победник на изборите со повеќе од 80 проценти од гласовите - резултат за кој опозицијата, и многу Белоруси, изјавија дека е наместен и дека Циханускаја победила.