Усвоени ковид мерките за празниците: Рестрикции од 18 декември до 20 јануари

Илустрација - Плоштадот „Македонија“ во Скопје, декември 2020

Владата ги усвои препораките на Комисијата за заштита од заразни болести. Стапуваат во сила од 18 декември, а ќе траат сѐ до 20 јануари следната година, соопшти премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција.

„Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање предновогодишни и Новогодишни прослави на отворен и затворен простор, а имаме јасни препораки до верските заедници, до работните организации и општините, препораки за работата на рестораните во хотелските објекти“, рече Заев.

Според препораките од Комисијата за заразни болести, ново-усвоениот пакет мерки содржи:

Угостителиските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега, а останува во сила забраната за собири на јавни места. Ќе има забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид на собири во периодот на празниците, како и забрана за групирање во станови за претстојните празници, а хотелите да ги затворат своите ресторани во 21 часот.

Во однос на верските празници, на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски. Се забранувааат и секакви прослави во рамките на работните организации.