Нема јасна временска рамка кога ќе стигнат вакцините за ковид во ЗБ

илустрација

Европската унија сè уште нема јасна временска рамка кога ќе испрати вакцини против КОВИД-19 на Западен Балкан, но претставниците на ЕУ повторуваат дека ги земаат предвид потребите во регионот, како и во сите соседни земји од европскиот блок.

Портпаролот на Европската комисија (ЕК), Ерик Мамер потврди дека токму тоа се дискутира на европско ниво, додавајќи дека деталите допрва треба да се разработуваат.

„Ние земаме предвид многу параметри кога станува збор за точното време и темпото на снабдување со вакцини“, рече Мамер, додавајќи дека станува збор за испраќање „вишок вакцини“ на Западен Балкан кои се исти со оние што ги користи ЕУ.

Првите вакцини против коронавирусот пристигнаa во САД

Во меѓувреме, Европската комисија веќе обезбеди голем број дози на вакцини кои ќе ги надминат потребите во рамките на ЕУ, така што се очекува непосредните соседи на земјите-членки на ЕУ да бидат први по Европејците кои ќе имаат корист од овие вакцини.

Европската Унија ќе се погрижи земјите од Западен Балкан исто така да имаат пристап до вакцини против КОВИД 19, по можност во исто време кога ќе се појават на европскиот пазар, велат извори од седиштето на ЕУ за Радио Слободна Европа.
Вакцините ќе бидат испратени во регионот преку два канала: првиот е COVAX, кој им овозможува на земјите со високи примања да овозможат вакцината да биде достапна за земјите со низок и среден приход, како и преку одделни земји-членки кои можат да имаат вишок вакцини.