За отчетот на премиерот Зоран Заев за она што Владата сработила за првите 100 дена откако беше формирана, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оцени дека тоа биле „100 дена фијаско“.
„Изминатите 100 дена на Владата се вистинско фијаско и продолжение на низата која трае четири долги години – години на промашувања, криминал и неуспеси. Ова се 100 дена на загубени штедни влогови, упропастена банка, загубени пари, илјадници загубени работни места, загуби за земјолците, бизнисот, загубени инвестиции. Ветуваа живот, а по изборниот инженеринг составија Влада со ветување – можеме повеќе и подобро, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ и влеговме во рецесија, поскапе струјата, се загубија животи поради неспособност да се манаџира здравството“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција која почна пред да заврши отчетот на премиерот Заев.
Според него, сегашната Влада не може да ги менаџира ни економијата, ни образованието, ни надворешната политика. Нема ниту еден капитален проект, гасификацијата доцни, а повеќето граѓани живеат со по две евра на ден, рече Мицкоски.