Талибанските милитанти убија најмалку 10 припадници на авганистанските безбедносни сили во северната авганистанска провинција Кундуз, соопштија денеска официјалните лица, откако владата објави дека мировните разговори ќе продолжат следниот месец.
Нападот се случи во областа Имам Сахиб, соопштија локалните советници Гулам Рабани Рабани и Аминулах Ајдин. Осум од жртвите биле полицајци, а двајца биле војници. Бројот на ранетите се уште не е познат, соопштија официјалните лица.
Од септември, авганистанската влада и талибанските милитанти водат мировни разговори во Катар со цел да се стави крај на децениската војна. И покрај мировните разговори, насилството во Авганистан продолжи и редовно има судири во различни делови на земјата и напади со бомби и ракети во Кабул.