Премиерот на Владата, Зоран Заев, денеска даде отчет за она што го сработила Владата во првите 100 дена во новиот мандат, по предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава. Премиерот заклучи дека оваа Влада била тука со и за граѓаните, создала силни институции, ја зголемила грижата за сите и дека одлуката за избори во време на пандемија била правилна.
„Направиме реогранизација на институциите со цел да го заштитиме здравјето на граѓаните. Обезбедивме над 250 илјади плати за последниот квартал од годинава. Во првите 100 дена се потпишаа нови договори со 39 компании и 10 анекс договори. Правиме сериозен исчекор да создадеме слика за нашата земја како лидер во регионот, во однос на чистата енергија од обновливите извори на енергија“, изјави Заев.
Тој рече дека оваа Влада не е виновна за блокадата од Бугарија за преговарачката рамка со Европската унија и дека реформите по европски терк продолжуваат и понатаму.
„Македонскиот идентитет и јазик не можат да бидат предмет за пазарење. Се надеваме дека штетата што е предизвикана од ова неоправдано вето ќе може да се надомести. Во првите 100 дена од оваа Влада стигна и позитивниот Извештај на Европската Комисија, во кое се истакнува дека оваа извршна власт ја започна трансформацијата дека одиме по европски терк. Правдата станува еднакво достапна за сите, со намалени трошоци“, рече Заев.