За новогодишните и божиќните празници, односно од 18 декември до 21 јануари, кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот, е предлогот на Комисијата за заразни болести кој денес ќе ѝ го достави на Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници. Според Министерството за здравство (МЗ), Комисијата ќе достави и препорака да нема групирање во станови за престојните празници и дека ќе им препорача на хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
Комисијата, исто така, препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година како и секаков вид собири во периодот на празниците. Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број на лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски, соопшти Министерството за здравство.
Од Независната угостителска комора, по денешната средба со Комисијата и со здравствените власти, велат дека се незадоволни и дека на средбата биле „само гости“.
„И во минатото и денеска ние како угостители ја почитуваме која било препорака на Комисијата за заразни болести и одлука која ќе ја донесе Владата. Она што не го добиваме ние е почитта од Владата во случај кога ќе не ограничи во работењето да ни ги надомести штетите и проблемите кои ни ги прават. Мерките ќе ги испочитуваме, а дали и кои угостители ќе може да функционираат со новите мерки не знаеме. Оваа препорака доколку ја прифати Владата треба да размисли на кој начин и дали ќе ги надомести штетите што ќе резултираат со овие мерки“, изјави по средбата Здравко Јосифовски од Независната угостителска комора.