ДИК ги објави резултатите од Штип и Пласница, ВМРО-ДПМНЕ обвини за лажна победа на СДСМ

Илустрација

Државната изборна комисија (ДИК) објави дека на вонредните избори за градоначалник во Штип, Сашко Николов од СДСМ и официјално е прогласен за победник со освоени 11.668 гласови, односно 80,31 проценти од гласовите. За кандидатот на Интегра, Симон Поликарп гласале 8,25 проценти односно 1.198 гласови, а за кандидатот на ТМРО, Лазар Наумов, гласот го дале 284 гласови. Неважечки ливчиња во оваа општина има 824, односно 5,67 проценти. Во Општина Пласница за градоначалник е избран Алија Јаоски кој добил 1.696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231, соопшти ДИК.

По победата во Штип, генералниот секретар на социјалдемократите, Љупчо Николовски, изјави дека Штип е „бастион на СДСМ“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не учествуваше на изборите во овие две општини, утрово реагираше и обвини за „лажна победа“ на СДСМ

„На гласање не излегоа 27 500 граѓани, затоа што не се согласуваат со криминалот на Зоран Заев. Сашко Николов е победник за 400 гласа, но загуби Штип. Заев тераше болни од ковид да гласаат само за да ја задржи фотелјата. И покрај сето насилство, две третини од граѓаните на Штип не им дадоа легитимитет на Заев и на СДСМ. Избори со една третина од вкупниот број гласачи се фарса. СДСМ нема легитимитет“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.