Специјалниот пратеник на државниот секретар на САД за Западен Балкан Метју Палмер во порака по повод 25-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот договор оцени дека БиХ има потенцијал да го исполни ветувањето за мир преку својот евроатлантски потенцијал, нагласувајќи дека Соединетите држави се најмногу фокусирани врз иднината на БиХ во следните 25 години.
Дваесет и пет години од Дејтонскиот мировен договор
„Соединетите држави, заедно со нашите партнери од меѓународната заедница, се горди што учествуваа во изготвувањето на Дејтонскиот договор, иако разбираме дека граѓаните на БиХ ја донесоа конечната одлука да изградат иднина за себе, за своите деца и за генерациите што доаѓаат. САД се фокусираат врз иднината на БиХ во следните 25 години “, изјави Палмер, додавајќи дека евроатлантските интеграции за БиХ значат „подобра економска состојба што ќе овозможи создавање на нови потребни работни места, со цел младите да останат во земјата, да ги поттикнуваат иновациите и претприемништвото“. Според него, тоа значи подобрување во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и сигурна локална и државна администрација што работи за граѓаните на БиХ.