Со над 76 отсто од досега преброените гласови во општина Штип, за Николов гласале над 80 отсто од граѓаните со право на глас, според податоците на ДИК. Јаоски во општина Пласница победи со над 85 отсто од гласовите.
Штип и штипјани покажаа демократија и општествена одговорност, изјави вечерва Николов објавувајќи победа на изборите.
„Штип продолжува по демократскиот пат за европски отворен и безбеден град“, рече Николов.
Изборите во Пласница и Штип се одржуваа предвремено, бидејќи претходниот штипски градоначалник стана министер, а градоначалникот на Пласница пратеник.
Излезноста на изборите во Штип е над 34 проценти, а во Пласница над 39, според податоците објавени од ДИК.
Во трката за градоначалник на Штип учествуваат пет кандидати, додека за Пласница двајца.
Против кандидати на Николов му беа Симон Поликарп од Интегра - Македонска кознервативна партија, Трајче Митев независен кандидат, Гоце Ангелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ и Лазар Наумов од партијата ТМРО.
Рамазан Шерифовски од движењето за национално единство на Турците му беше противкандидат на Јаоски во изборната трка во општина Пласница.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не учествуваше на изборите со свој кандидат, соопшти дека премиерот Зоран Заев го загрозил здравјето на штипјани и дека сред епидемија вадел „болни од корона“ само да ја сочува фотељата.
Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на прогласувањето на победата на Николов, изјави дека изборите биле успешни, фер, демократски и безбедни за здравјето.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети на социјалната мрежа Фејсбук му ја честита победата на Јаоски и наведе дека таа е „потврда за волјата на граѓаните за нашите политики за сите граѓани.“
Гласањето беше започнато откако претходно гласачките места беа дезинфицирани поради епидемијата на Ковид-19.
Право на глас во Штип имаат 41.777 граѓани, додека во Пласница 4.954. За изборите да бидат успешни беа потребни да гласаат една третина од вкупниот број избирачи.