Продолжуваат опозициските протести во Белорусија

Илустрација - опозициски марш во Белорусија.

Опозициските демонстранти организираа маршови и митинзи низ белоруската престолнина и во други градови, додека правеа напори за притисок врз авторитарниот лидер Александар Лукашенко да направи политички отстапки.

Акциите на 13 декември во Минск и на другите места се случија кога лидерката на опозицијата Светлана Циханускаја требаше да се појави на настаните во Германија, како дел од нејзините напори да добие меѓународна поддршка за белоруската опозиција.

Во земјата се случуваат опозициски протести од август, кога Лукашенко беше прогласен за победник на претседателските избори, за кои опозицијата посочи дека има недостатоци.

Активистите често пати се соочуваат со насилна полициска тактика при организирањето на протестите. Сепак, единствените навестувања за отстапки кои ги покажа Лукашенко се предлозите кои ги даде во врска со изготвувањето на нов устав.

САД, Европската унија и неколку други земји одбија да го признаат Лукашенка за победник на изборите.

Голем дел од белоруските лидери на опозицијата се уапсени или принудени да ја напуштат земјата, вклучувајќи ја и Циханускаја, која вели дека победила на изборите во август и сега живее во егзил во Литванија.

Според Обединетите нации, уапсени се повеќе од 27.000 луѓе во Белорусија. Исто така постојат веродостојни информации за тортура и малтретирање.