Министерот за здравство Венко Филипче денеска посети дел од економските оператори каде ќе се чува вакцината против Ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Вакцините во земјава се очекува да пристигнат во следните месеци, како што најавија официјалните владини претставници, во услови кога Велика Британија и САД веќе ја одобрија употребата на вакцините против коронавирусот, а се очекува овој месец тоа да го направи и Европа.
Министерот Филипче најави дека вакцинацијата во Македонија ќе се врши во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи во државата.
Тој исто така рече дека сите вакцини за Ковид-19 се безбедни и дека ќе бидат бесплатни за граѓаните.
Почетоктот на кампањата за вакцинација во земјите доаѓа во услови на пораст на ширењето на вирусот. Во земјава вкупниот број на заразени надмина 70.000 луѓе од почетокот на епидемијата, со моментално над 21.000 активни слчаи и над 2.000 смртни случаи.
Висок е бројот на заболени во скоро во сите земји од регионот, но и во земјите од Западна Европа и во САД.
Во односн на економските оператори каде ќе се чува вакцината, Филипче рече дека станува збор за дистрибутери кои веќе работат на ова поле и се вклучени во системот на вакцинација, во делот на складирање и дистрибуција.
„Операторите во своите постоечки капацитети имаат комори и ладни соби од 0 до 8 степени целзиусови, како и фрижидери до минус 20 степени целзиусови и возила со ладилници како би го запазиле „ладниот синџир“ при дистрбуција на вакцините“, се вели во соопштението.
Исто така е наведено дека дополнително Министерството за здравство операторите ќе ги снабди со фрижидери до минус 70 степени целзиусови, кои во земјава ќе пристигнат кон средината на јануари.